Првиот човек на кугларската федерација на Македонија, Игор Михајловски на официјалната страница одлучи да ги сподели сите проблеми со кои се соочува оваа федерација со години. Блокираната сметка која не го промени статусот веќе една деценија ги прунуди да не пријават тим за Светското сениорско екипно првенство во Вараждин, Хрватска, мај 2023 година.
„Како што знаете, македонската кугларска федерација е со блокирана сметка веќе една цела деценија и поради тоа не може да функционира нормално т.е. не може да функционира никако. Сите активности и планови во изминатиот период се под знак прашање дали ќе се реализираат или не, скоро е невозможно да се планираат активности на среден, а за долгорочен план и да не зборувам, па група на ентузијасти кои стојат обединети во неколку кугларски клубови, водат успешно македонска лига, спроведуваат државни првенства, додека најдобрите клубови се секоја година на европската клупска сцена“, вели Михајловски.
Тој потенцира дека државата мора да помогне да се реши проблемот, испрати последен апел до Агенцијата за млади и спорт.
„Или државата ќе го реши деценискиот проблем со Кугларската федерација или истата ќе се ликвидира и ќе се формира сосема нова.
Во деценискиот период на ненормалното работење загубивме многу, загубивме клубови, загубивме куглари, губиме една 8 стазна куглана како што е Борис Трајковски, а на добар пат сме да ја загубиме и Мусандра. Со превземање на исти или слични дејствија од минатото не можеме да стигнеме до решението. Зарем малку жртва беа СК во Естонија, СП во Полска, СП во Словенија, СП во Чешка, зарем мала жртва дадовме за оваа земја? Зарем треба ли до последен момент да не знаеме дали ќе отпатуваме или не? Зарем тоа е во ред? Зарем подобро е тоа од оваа тешка одлука?
Што ќе ни е настапот на СП доколку немаме кој да ги замени тие наши сениорски репрезентативци кои стареат. Што ќе ни се нервите и неизвесноста, финансискиот колапс на клубовите со овие мали вредности на ваучерите без никаква помош од Федерацијата? Без никакво спроведување на осмислена програма за развој, за обука, за усовршување.
Каде сме ние и каде сакаме да стигнеме? Ова прашање ќе треба секој од нас да си го одговори најпрво пред самиот себе.
Оваа тешка Одлука која денес е донесена за неучество на СП во Хрватска – 2023, лично ја гледам како жртва која мора да ја поднесеме за конечно да започнеме нормално да функционираме. Ова нека биди и последен апел до Агенцијата за млади и спорт сериозно да се зафати со решение на деценискиот проблем. ВАКА ВЕЌЕ НЕ МОЖЕМЕ“.
Целото соопштение можете да го прочитате на следниот ЛИНК.