МЗТ Скопје гостин во Љубљана, Петровиќ потенцира: Ќе мора да трчаме сите 40 минути!

103

МЗТ Скопје продолжува со силното темпо. По триумфот над Работнички во вечното дерби на дневен ред е АБА-лига. Актуелниот македонски првак е гостин на Цедевита Олимпија (18 часот), противник кој има победа повеќе, но „сино-белите“ на него гледаат како огромен фаворит.

Избраниците на Александар Петровиќ имаат победа и три порази, Олимпија има две победи, пораз и меч помалку, па има ист број на бодови колку и МЗТ Скопје. Главна цел во Љубљана ќе биде да се потврди дека формата е во нагорна линија, а за победа ќе мора да се трча 40. минути, нешто што во кошарката е нормално, но во МЗТ Скопје се чини уште не е фатен тој ритам.

„Пред нас е уште еден меч против тим од големата јадранска четворка, кој игра во Еврокупот и кој со квалитетот дефинитивно ќе се замеша во борбата за највисок пласман во АБА. Без разлика на тоа, во Љубљана доаѓаме да се надигруваме и да потврдиме дека формата ни е во нагорна линија. Ќе мора да трчаме во сите 40 минути и да одиграме агресивно, бидејќи само така може да му парираме на силниот ривал. Наше е да одиграме тоа што ćе го договориме пред мечот, па ако ни се укаже некаква шанса да пробаме да го изненадиме фаворитот“, изјави Петровиќ пред дуелот. 

Размислувањето не е различно ниту кај играчите, немаат што да загубат.

„Атмосферата во екипа е одлична и без разлика што играме против фаворизиран противник подготвени сме да дадеме се од себе и да го покажеме најдоброто од нас. Противникот е квалитетен, игра на високо ниво, но нема однапред да се предадеме. Ова е уште еден меч во кој нема што да загубиме, без разлика на крајниот исход“, изјави Еван Максвел.

Овие два тима имаат историја на пресметки, последен пат се сретнаа во 2018 година, Олимпија си замина од Скопје со убедлив триумф, додека една година претходно МЗТ Скопје со цел плен се врати од Љубљана.

ПретходноГвардиола во проблеми, причината е Ерлинг Халанд!
СледноРаботнички пред ново искушение – гостиварскиот пекол!