По пропуштената шанса за сензација во минатото коло и поразот од Пелистер, тимот на Пролет им се врати на победи, на домашен терен ја оправда фаворитската улога против Голден Арт славеше со 27-21 во рамките на осмото коло. Со овие бодови Пролет ја продолжи трката за второто место на табелата во групата Б со Пелистер 2.
Домашниот тим уште на стартот ги зеде работите во свои раце, поведе со 9-3, гостите веднаш не се предадоа, намалија на 12-10 и 13-11 на одморот, но потоа веднаш паднаа. Пролет со серија од 9-1 дојде на плус осум (22-14) и целосно го урна отпорот на Голден Арт.
Андоновски постигна седум гола, по пет запишаа Јагуриновски и Пецаковски, во редовите на Голден Арт, Даев имаше пет погодоци.
Во истата група, Јуниор К.В на домашен терен беше совладан од Радовиш со 28-31. По изедначената игра во првото полувреме (14-14), гостите го подигнаа нивото во вториот дел во кои не моменти беа подобри, особено во финишот кога дојдоа на плус четири 27-31.
Долдуров и Постолов со по девет гола беа лидери кај Радовиш, Симоноски имаше седум гола во редовите на Јуниор К.В.
Во групата А, Куманово беше поразен од Струга со 27-30.