Двоен триумф на Малинковски на Монца во Twingo Cup

94

Давид Мaлинковски до две победи на патеката Монца во Twingo Cup е лидер во генерален пласман во првенството на Македонија. На две трки до крај на првенството Давид Малинковски има 105 бода, десет повеќе од Марко Блажевски кој на Монца имаше доста проблеми и само на првата трка успеа да се искачи на подиумот. Последните две трки од Twingo Cup се планирани за крајот на ноември на патеката Серес во Грција каде ќе се решава за титулата, најверојатно меѓу Малинковски и Блажевски.

На двете трки на Монца поради излетувања и инциденти трипати мораше да излегува безбедносното возило. Првата трка заврши со возење на безбедносното возило низ целта, а на второто неколку кругови истото беше на патеката додека истата се расчисти. Првата трка се возеше во „ноќни услови“ и поради намалената видливост истата заврши со безбедносно возило.

Вкупно 35 возила се појавија на Монца, и покрај за првенството на Twingo Cup истото се бодуваше и за првенството на Македонија. Настапија возачи од Словенија, Македонија, Србија, Австрија и од Италија.

За малите возила Twingo патеката на Монца беше вистински предизвик. Особено неизвесна беше првата трка која беше последна на програмата. Но, поради претходните доцнења и таа почна подоцна од предвиденото. Брзо се стемни на патеката, па поради намалената видливост имаше излетувања и инциденти. Меѓу оние што завршија во песокта беа и Слободан Трајковски кој се изврте, но за среќа беше никакви последици, а дебитантот Бојан Петрушевски кој извозе одлични квалификации исто така беше вклучен во инцидент и му беше уништен предниот дел, па не ја заврши трката исто како и Борис Стојменов. Во таков однос на силите најсреќен беше Давид Малинковски кој победи пред Зоран Мираковски, и пред Марко Блажевски.

На втората трка на самиот старт Марко Блажевски успеа да „скокне“ десет мета и од 18 да стигне до 8 место. Се бореше во група заедно со Стефанчиќ, Јеловиќ и Глазер и во вториот круг и нив ги престигна одеднаш и се искачи на 5 место со можност да се вклучи и во борба за повисок пласман.

Монца повторно се покажа како брза писта каде и најмал инцидент може многу да одземе од стекнатото, и токму Блажевски излета на еден свиок по кој падна дури на 26 место. Во меѓувреме и безбедносното возило влезе на патеката откако Јака Штуфлек излета, па неколку круга се возеше зад безбедносното возило.

Давид Малинковски ги избегна незгодните ситуации и продолжи како петтопласиран, а во целта милиметри решаваа дали тој или Лука Глазер е подобар. Словенецот за 0,018 секунди побрзо влезе низ целта.

Покрај Малинковски кој двапати се искачи на врвот на пиедесталот, единствено уште Зоран Мираковски двапати беше на пиедесталот. На првата трка тој го освои второто место, а на втората беше третопласиран. Со бодовите освоени на Монца сега Мираковски е на третото место во генерален пласман со 73 бода.

Марко Блажевски кој пред Монца беше лидер и имаше предност од десет бода во однос на Малинковски, имаше убава шанса на втората трка да освои максимални бодови, па дури и да се замеша за пиедесталот, но во моменти кога беше петтопласиран самиот излета и падна на дното, по што беше тешко да се врати меѓу најдобрите. Заврши на петтото место и сега има 95 бода и е втор во генерален пласман, односно десет помалку од Малинковски

Одлично профитираше од Монца и Ангелче Стојковски кој „заработи“ вкупно 25 бода на двете трки и се искачи на четвртото место во генерален пласман. Тој на првата трка беше четвропласиран, а на втората беше втор. Монца ќе остане во сеќавање и за Бојан Петрушевски кој првпат седна зад управувач на Twingo на трка од Twingo Cup. Откако во слободните квалификации беше одличен на петтото место, на квалификациите беше 11. на првата трка имаше пех и не освои бодови. Но, на втората заврши како четвртопласиран и ги освои првите 10 бода сезонава.

ПретходноПандев не му ја прифати оставката: Васоски останува тренер на А. Пандев!
СледноЕмил Божиновски ќе биде контролор на дуелот Јувентус – ПСЖ!