Конечно. Спортска вест на денот во Хрватска е дека “Максимир“ ќе се урива а на негово место ќе се гради нов, модерен стадион со капацитет од 32.000 места.
Ова го јавува “Вечерњи Лист“ и тоа од Нион, од УЕФА. Имено Владата на Р. Хрватска планирала следната година да се заврши целата работа околу проектот и документацијата, а во 2024 година да се почне со изградбата на новиот “Максимир“.
Динамо имал само еден услов, а тоа е во склоп на стадионот да се изгради и хотел со 4 или 5 ѕвездички.
Да кажеме дека сегашниот “Максимир“ датира од 1912 година, значи 110 година опстојува, во три наврати е реновиран а последен пат во 2011 година. Важи за убедливо најгрдиот стадион и не само на овие простори. Дури и првиот човек на УЕФА Александер Чеферин пред извесно време кога престојуваше во Загреб, истакна дека тој е шокиран од тоа на каков стадион игра еден гигант како што е Динамо Загреб.