Во четврток Рома ќе игра против Лудогорец во последното коло од групата во Лига Европа. Победа ќе ја однесе „волчицата“ во наредната фаза, секој друг резултат ги носи Бугарите понатаму. И двете екипи имаат идентичен број на бодови по 7 но Лудогорец има подобра гол-разлика.
Рома има многу проблеми со составот поради отсуство на фудбалери, а ќе го има на располагање Николо Заниоло чија суспензија ја симна УЕФА и тој ќе може да игра.
„Немаме амбиција повторно да играме во Лигата на конференции и да го освоиме трофејот. Сакаме да играме во плеј-офот на Лигата на Европа. Тоа е нашата цел. Ситуацијата е јасна – мораме да победиме. Мислам дека атмосферата ќе биде прекрасна со оглед на тоа дека стадионот е распродаден, како против Бодо и Лестер. Можеме да успееме. Ќе притиснеме за добар резултат“, изјави Мурињо.
Португалецот ќе ги нема на располагање Дибала, Мансини, Спинацола, Вајналдум и Дарбо.