Најуспешниот македонски возач на кружни патеки, Виктор Давидовски, ќе дебитира во Светското првенство за туринг автомобили (WTCR) како учесник на последните две трки од оваа сезона.
Откако ја заокружи својата петта и досега најуспешна сезона во ТЦР Европа, попатно освојувајќи победа на трката во Франција возена на патеката „Пол Рикар” и „Дајмонд” трофејот како најдобар пилот за возачи над 40 години, Давидовски сега заедно со тимскиот колега Франко Џиролами доби „вајлд карта” за настап на последните два гран при викенди.
Обајцата ќе настапат со автомобилите подготвени од „Comtoyou Racing“, за што белгискиот тим издаде соопштение за медиумите кое е објавено на официјалниот сајт на првенството.
https://www.fiawtcr.com/comtoyou-brings-in-two-tcr-europe-stars-for-wtcrs-middle-east-double-header/
– За мене претставува голема чест што ми е укажана доверба од страна на тимот, за што морам да се заблагодарам на сите членови на „Comtoyou Racing“, кои направија оваа сезона да биде незаборавна. Во Бахреин одиме со крената глава, како тим што ги освои сите четири трофеи во ТЦР Европа, иако однапред знаеме дека нема да биде лесно. Согласно правилата, ќе добиеме дополнителна тежина, а како учесници со „вајлд карта” немаме право на освојување бодови, туку само на пласмани, вклучувајќи ги и трофеите наменети за оние на подиумот. Сепак, честа е огромна и се надевам дека од овие трки ќе имаме уште некоја убава вест за да ја комплетираме ионака прекрасната сезона.
Давидовски досега има освоено шест титули во Македонија (две на ридски патеки и четири на кружни патеки), како и шест титули на трките во првенствата на Србија. Минатите четири години настапуваше со екипата „ПСС Рејсинг”, а од оваа година заедно со Џиролами се префрлија во „Comtoyou“.
– Се подготвуваме заедно со Франко, речиси секој ден имаме трка на симулатор. Најголема разлика нема да биде во дополнителните килограми, туку тоа што во WTCR се користат други пневматици за разлика од европското првенство. Знаеме дека нема да биде лесно, но имаме доверба во тимот и инженерите дека ќе го подготват возилото до максимум. И двете патеки досега биле домаќини на Формула 1, па очекувам и сега да видиме спектакуларни трки во кои ќе се реши и прашањето на новиот светски шампион.
Гран при викендот во Бахреин се вози на 11 и 12 ноември, додека финалето на сезоната ќе биде во Џеда, Саудиска Арабија, на 26 и 27 ноември.