МЗТ Скопје вечерва (18 часот) го игра шестиот натпревар во АБА-лига, во СЦ „Борис Трајковски“ гостува Морнар, тим кој има една победа повеќе од актуелниот македонски првак.
Гостите во Скопје доаѓаат по враќање на победничката атмосфера, по добриот старт влегоа во криза, момент кој добро му е познат на тренерот Александар Петровиќ и неговите момци. Одбраната ќе биде клучна, ова е еден од оние натпревари на кои МЗТ Скопје мора да дојде до целиот плен, без никаков изговор.
„Против себе имаме тим кој одлично ја отвори сезоната, но кој влезе во резултатска криза поради што во Скопје ќе бара враќање на победничките патеки. Главни играчи им се бековите Расел и Михаиловиќ, но одлично се пополнети и на останатите позиции. Морнар е предводен од одличен тренер, кој сигурно ќе се обиде да смисли начин како неговата екипа повторно да почне на победува, но на нас е да го спречиме во тоа. Очекувам добар меч, во кој треба да покажеме агресивност во одбраната и во нападот да одиграме на ниво како против Дерби. Ако го сториме тоа и ако имаме најмалку иста поддршка од трибините, тогаш верувам дека ќе дојдеме до целта, а тоа е значаен триумф“, изјави Петровиќ.
Слично на својот тренер размислува и Страхиња Мицовиќ, посакуваат да дојдат во втората победа, но за тоа ќе мора да одиграат одличен меч без грешка.
„Зад нас се серија тешки натпревари против најголемите фаворити во лигата во кои, за жал, не успеавме да изненадиме, но добро е што победивме против Дерби со што покажавме дека можеме адекватно да се носиме во ова натпреварување. Токму тој дуел треба да ни биде патоказ како да одиграме и против Морнар. Очекувам слична енергија како на таа средба и мислам дека тоа е клучот за евентуалниот успех. Добро го познавам противникот, знам како размислува нивниот тренер и како инсистира на брза игра со многу шутеви за тројка. Ако ги сопреме нивните бекови тогаш ќе бидеме многу поблиску до триумфот“, изјави Страхиња Мицовиќ.
МЗТ Скопје е на 11 позиција, додека Морнар е на деветото место во АБА-лига.