Работнички: Ветуваме дека нема да “крадеме“ играчи од друг тим!

1659

По повод текстот во Спортмедиа – “Работнички ги `краде` Маслинко, Ефремовски и Пипкинс од Гостивар“, денеска со соопштение односно демант излезе клубот од Градски парк.

Во продолжение го објавуваме соопштението во целост:

Почитувани медиуми, почитувани љубители на кошарката и на спортот, почитувана македонска јавност,

Кошаркарскиот клуб Работнички се наоѓа пред најголемиот предизвик во своето постоење, а тоа е враќањето на старите патеки на славата во македонската кошарка, кои тој ги пробиваше и поплочуваше, се разбира во корелација и со помош на сите останати чинители на македонската кошарка, но секогаш во улога на лидер.

Во времето кога можеби и за првпат во историјата, со сета почит кон сите претходни раководства, во нашиот клуб се внесува и се внесува со вагони, наместо како во многу прилики претходно кога само се изнесуваше за лични интереси и не се размислуваше за доброто на најтрофејниот македонски кошаркарски колектив, а сето тоа се правеше под превезот наречен „титула“, во времето кога скоро се исчисти целиот заостанат смет кој мирисаше болно и имаше вкус на распаѓање, во времето кога низ вените и артериите на дебармаалската екипа повторно блика црвена крв со силна боја, КК Работнички АД Скопје е цел на непотврдени, паушални и петпарачки обиди за напади.

Велиме обиди, затоа што воопшто нема да реагираме на истите и нема да им дадеме важност, туку со ова прво и последно соопштение на ваква и слични теми, уште еднаш се обидуваме да ја потсетиме јавноста кој и што всушност е заборавениот кошаркарски џин Работнички и каква визија имаме за неговата иднина. Во оваа прилика Работнички им се обраќа на сите клубови во македонската кошарка, со дециден став дека никогаш нема да игра задкулисни игри кои беа стилот на претходните гарнитури и дека секогаш ќе игра фер и коректно, па наместо да забива нож в грб, ќе пука директно и фронтално в чело. Ова е секако со преносно значење, во име на спортскиот дух. Работнички им посакува се најдобро на сите наши кошаркари и тренери, без разлика во кој клуб играат и работат. Сакаме нивните кариери да се движат само во позитивна насока, затоа што добри македонски кошаркари и тренери, значат и квалитетна македонска кошарка, во која егзистира и нашиот клуб.

Нас, конкуренцијата ни е инспирација, за разлика од некои други подземни структури кои здрав и солиден опонент само ги плаши.

Работнички никогаш нема да врбува играчи од клубовите во нашата лига, кога правилата нема да го дозволуваат тоа, особено не во средината на сезоната кога битката треба да се бие на теренот, а не по кулоарите и катакомбите.

Штета што во нашата кошарка нема санкции, како во посилните европски и светски лиги, за обид за ангажирање на туѓи играчи, но воедно и штета што во нашата кошарка не постојат санкции за непримерно однесување и клевета од страна на кошаркарски функционери кои се дел од клупските управи.

Општо е познато дека играч не може да добие раскин на договор и да премине во друга екипа, ако се е уредно во клубот каде што настапува. Ние тоа никогаш нема ниту да се обидеме да го прекршиме, а камоли да режираме нешто што беше посочено во одредени медиуми, кои не за првпат објавуваат нарачани текстови од гладни и жедни за власт и слава, секако и за материјални добра, поединци кои не можат да се помират со реалноста, а таа реалност вели дека нивното место веќе не е во кошарката, или најмалку не е во Работнички.

Работнички се давеше во финансиски проблеми, поради недомаќинско работење. Во Работнички се ветуваа брда и долини, но имаше само недогледни мрачни и студени бездни. Маските паднаа, дојде до промени. Работнички, денес, е друг клуб. Работнички, денес, е друга организација која има друга суштина, транспарентна и еснафска.

Работнички засилено работи на исправање на ‘рбетот кој му го искривија „најблиските“ и тоа ќе се случи многу брзо. Работнички повторно ќе биде насочен со погледите само кон небото и ќе има полни гради самодоверба и гордост, онаа истата гордост која „неговите“ му ја уништија, урнисаа и разнебитија.

Работнички, многу брзо, повторно ќе биде Работнички, со помош на нашите нови партнери, кои имаат иста претстава за нештата, како нашата. Спортски поздрав, од најтрофејниот македонски кошаркарски колектив.

Со почит, КК Работнички АД Скопје

ПретходноСо гнасни пцовки по Калин откако загуби на мечот во Ерусалим! (ФОТО)
СледноМилевски: Несторовски ќе добие повик за дуелите со Финска и Азербејџан!