Арда ќе игра за Албанија, Мојсо „ФАЛА“ ти за се што (не)направи за Македонија

15515

Пишува: Огнен Чак Дојчиновски

Голем, огромен пораз на Македонија. Не на терен туку на зелена маса. По две и пол години голгота и административни лавиринти, играчот на турска Адана и македонски младински репрезентативец, Арда Окан Курталан реши повеќе да не настапува за нашиот национален тим и да ја одбере Албанија. Зошто? Затоа што Македонија две и пол години го „мафта“ ова младо левоного момче дека ќе му даде наша патна исправа и ќе може да настапува и официјално за нас. Тоа не се случи, Албанија ја искористи таа можност, и го „украде“. Арда со порака ја известил нашата федерација дека се одлучува на таков потег и се заблагодарува на досегашната соработка. Не е виновен тој, виновна е Македонија, поточно Агенцијата за Спорт и Млади на чело со директорот Наумче Мојсовски, кој две и пол години водат инат со ФФМ на оваа тема. Едноставно на површина, комплицирано во позадина.

Задкулисните игри кои ги водеше Мојсовски на сметка на ФФМ ни се одбија како „бумеранг“. Срамота. Две и пол години административни лавиринти, „сакам – нејкам“ да дадам пасош за младиот фудбалер, и на крајот ни се случи Албанија. Ветување дека Арда наскоро ќе игра и за А репрезентацијата на оваа земја, нешто што инаку му е ветено и на Ардијан Бајрами своевремено. И тоа е легитимно. Албанија за седум дена му издаде пасош на Арда и тој е веќе на списокот за следниот дуел на нивната У21 репрезентација. А ние, е ние ќе имаме можност да проследиме уште една прес конференција на Мојсовски и на некој партиски војник како промовира национална стратегија за спорт, која во пракса нема да се имплементира 1%, а потоа ќе следи коктел на кој ќе можат присутните да се почастат на државна сметка.

Арда момче ти посакувам се најдобро во животот и да ги достигнеш фудбалските височини. И на клупско и на интернационално ниво. Затоа што заслужуваш. Македонија те изневери, и ти имаш целосно право да бидеш лут, гневен и да ни завртиш грб. Ја имав честа и задоволството на неколку пати да разговарам со тебе и да напишам колку сакаш да заиграш за Македонија, но тоа за жал нема да се случи. Зошто? Прашај го Наумче Мојсоски. А и не мораш. Ќе го прашаме ние во твое име.

 

ПретходноТрпчевски со повреда, Стојчевски како замена
СледноФантастични 13 милиони денари е наградниот фонд во „заврти и победи“ на 2WIN.mk