Оливие Жиру повторно е херој на Милан. Вечерва на домашен терен, „росонерите“ дојдоа до тешка победа над Специја од 2:1, а фрaнцускиот голгетер е најзаслужен за триумфот со еден ефектен гол кој го постигна во истекот на 90. минута од регуларниот дел на мечот. Откако го постигна голот за победа, Жиру доби втор жолт картон поради тоа што го соблече дресот и мораше предвреме да ја напушти средбата.
Милан поведе со голот на Тео Ернандез во 21. минута и ја одржуваше предноста се до 59. минута кога младиот Даниел Малдини, кој игра на позајмица од Милан во Специја успеа да израмни на 1:1.
Милан се мачеше да постигне втор гол, особено откако погодокот на Круниќ во 67. минута беше поништен. На сцена во завршницата стапи Тонали, кој со извонредна асистенција го пронајде Жиру кој во манир на расен голгетер погоди за победа.