Македонската женска ракометна репрезентација после десет години се врати на Европските првенства. РФМ одлучи да го прифати предизвикот и да биде организатор на едно големо натпреварување и воедно да им го исполни сонот на ракометарките – прво ЕП во нивните кариери.
СЦ „Борис Трајковски“ блесна во полн сјај, на трибините не изостанаа навивачите, ниту пак препознатливото бодрење. Ракометарките за првпат имаа шанса да играат пред голем број на фанови, што пак ќе биде голем мотив за следните дуели. Првиот е против Холандија утре, шанса за изненадување на ова ЕП, откако синоќа беа поразени од актуелниот олимписки првак, Франција со 24-14.
„Кога ја видов полна салата, ми се наполни срцето. Првпат играме во полна сала со наша публика. Мислам дека системот во кој работат во Франција е многу подобар, нивната лига е една од најдобрите и ракометарките играат во врвни клубови. Им благодарам на навивачите за поддршката, ќе бидеме подобри во следните дуели“, изјави Јована Мицевска по мечот со Франција на кој запиша осум одбрани.