Најдобриот напаѓач на Брентфорд Иван Тони е под истрага на Фудбалската асоцијација на Англија поради обложување на натпревари што е строго забрането на Островот. Неговите активности се пред тој да направи трансфер во клубот од западен Лондон. Истрагата траела седум месеци но се уште нема завршница односно не е поднесено обвинение против Тони.
Неофицијално, додека бил играч во пониските лиги тој се обложувал на натпревари но нема докази дека тоа го правел против своите тимови за што истрагата би добила нова димензија и би требало да се утврдува дали тој влијаел на резултатите.
Тони, кој е на поширокиот список на селекторот Герет Саутгејт за СП 2022 и се уште чека на своето деби, изјави дека е скршен поради тоа што информациите за истрагата испливале во јавност и тоа токму сега кога се надева на место на Мундијалот.
„Свесен сум за приказната за мене што излезе во весниците. Но не се кријам, соработувам со ФА и со истражителите и нема да давам повеќе коментари се додека не заврши истрагата. Јас сум горд Англичанец и од дете сонот ми е да играм за репрезентацијата на СП“, напиша Тони на социјалните мрежи.
— Ivan Toney (@ivantoney24) November 5, 2022