Селекторот на бразилската репрезентација Тите во текот на денот ќе го објави конечниот список на фудбалери на кои смета за претстојното Светско првенство во Катар, а како што сега стојат работите – името на Филипе Кутињо нема да биде на него.
Еден од најважните играчи на Бразил од доаѓањето на Тите на чело на националниот тим ќе биде „пречкртан“ поради повредата што ја заработи додека настапуваше за Астон Вила, иако и покрај слабата форма, требаше да биде дел од националниот тим во Катар.
Кутињо ги повреди квадрицепсите на тренингот на англискиот клуб и се очекува да има пауза до десет недели, па јасно е дека на терените ќе се врати дури во 2023 година.
Емери веќе го изостави Кутињо за натпреварот против Манчестер Јунајтед (3:1), нема да го има следниот викенд против Брајтон, па тренерот на Вила звучеше многу песимистички на прашањето на новинарите дали ќе биде подготвен за Светското првенство што почнува за две недели. Тој не сакаше да биде тој што ќе ја соопшти лошата вест во јавноста, но Кутињо во меѓувреме веќе му се јавил на Тите и го известил дека нема да може да смета на него во Катар.
Останува да видиме кого ќе повика Тите на местото на Кутињо.
Да потсетиме, Бразил игра во групата „Х“ против Србија, Камерун и Швајцарија и е еден од фаворитите на Мундијалот.