Навивачката група „Argentina Fans Qatar“ (AFQ) беше формирана во јуни оваа година, непосредно пред натпреварот на Аргентина против Италија. Тоа е група на поддржувачи на аргентинската фудбалска репрезентација кои не се родени Аргентинци, но го сакаат фудбалот и страста кн фудбалот кои го негуваат токму Аргентинците. AFQ се група навивачи на Аргентина од различни националности, првенствено Индијци, Непалци, жители на Шри Ланка, Бангладеш, а вклучува и Африканци и Катарци, кои велат дека нивната љубов кон Аргентина и Меси нема граници.
Откако Меси објави дека Светското првенство во Катар ќе му биде последно, расте интересот кај навивачите да го гледаат последен пат на големо натпреварување и нивната најголема надеж е дека двократниот светски шампион ќе ја освои третата титула на 18 декември.
„Нашата движечка сила е љубовта кон Аргентина, а нашата цел е да ги поддржиме и направиме љубителите на фудбалот да се чувствуваат како дома во Катар“, изјави за Ал Џезира, Мохамед Сухаил Али, индиски инженер и основач на групата од 5.000 лица кои ќе бидат во Катар и ќе навиваат за јужноамериканците.
Групата брои и околу 100 Аргентинци, кои ќе им се приклучат на оние од Индија, Бангладеш, Непал, Пакистан, Шри Ланка, Италија, Шпанија, Нигерија, Камерун, кои веќе имаат билети за натпреварите на Меси и компанија на СП во Катар.
„Во рок од пет месеци успеавме да ја зголемиме базата на навивачи на повеќе од 5.000 и само едно нешто не обединува – љубовта кон Аргентина“, додаде тој.
Мнозинството членови на AFQ се од Керала, фудбалската престолнина на Индија на југот на земјата, каде што доминираат навивачи на Аргентина и Бразил.