Македонската кошаркарска репрезентација вечерва (19 часот) игра против Норвешка во рамките на претквалификациите за ЕУРО 2022 година. КФСМ одлучи мечевите против оваа селекција и против Данска да се играат во салата „26 април“ во Гевгелија, но оваа идеја најтешко им падна на норвешките кошаркари, кои се запрепастени од она што го виделе, па и од хотелот во кој се сместени.
Сите забелешки ги објавија на својата официјална страница. Во описот за Гевгелија тие пишаа:
„Речиси е на границата со Грција. Сместени сме во хотел со казино каде што играчите треба да минуваат низ зачадена соба со неколку стотини автомати на пат кон и од трпезаријата секој ден.
Од главниот град Скопје и модерната арена „Борис Трајковски“ со капацитет од 6.500 луѓе се преселија во Гевгелија, град со 15.000 жители – и стара и дотраена сала „26 април“ каде што има трибина со околу 1.300 седишта“, се вели во делот за сместувањето и градот каде што ќе игра Норвешка.
Оваа репрезентација исто како и Македонија запиша две победи на стартот на претквалификациите.