Селекторот на репрезентацијата на Велс, Роб Пејџ, им забрани на своите играчи да играат голф на Светското првенство во Катар, кое започнува на 20 ноември и ќе трае до 18 декември.
„Да, голфот е забранет. Тука сме да ја завршиме работа. Во минатото, Герет, Кифер Мур и Арон Ремзи ме прашуваа што правиме утре попладне и дали имаме некакви состаноци. Јас би им одговорил: Немаме состаноци, слободно одете и играјте“, рече Пејџ.
Да потсетиме, навивачите на Реал Мадрид на Бејл му замеруваа што покажа повеќе ентузијазам за голф отколку за фудбал. Пред три години тој наводно им рекол на соиграчите од мадридскиот клуб:
“Имам уште три години договор и ако сакаат да се ослободат од мене, ќе треба да ми плаќаат 17 милиони по сезона. Ако не ќе останам во клубот и ќе играм голф“.
Ова лето Бејл го напушти Реал Мадрид како слободен играч, потпишувајќи едногодишен договор со Лос Анџелес ФК од МЛС, за кој постигна три гола на 14 натпревари. Велс се пласираше на Светското првенство после 64 години. Тие ќе играат во групата Б со Англија, Иран и САД.