Македонската кошаркарска репрезентација благодарение на одличната одбрана дојде до третата победа во претквалификациите за пласман на ЕУРО 2022 година. Норвешка постигна само 38 поени на дуелот со „црвено-жолтите“, што пак доволни говори за текот на целиот меч.
Иако оваа средба нашите момци ја решија рано, сепак се свесни дека не треба да се опуштат, главната цел е да се задржи истиот ритам и во мечевите што следат, а прв во редот е против Данска за три дена.
„Имавме доволно време да се подготвиме за оваа средба. Ростерот е речиси ист, плус Шортс, кој одлично се вклопи. Одигравме на високо ниво, ја спуштивме Норвешка под 40 поени, што мислам дека не се случува така често. Успеавме да ја сопреме нивната транзиција, но прерано е да почнеме да се радуваме, уште ништо не е завршено. Пред нас се уште три натпревари на кои се надевам дека ќе играме на исто ниво“, изјави Робев на прес-конференцијата по средбата.