Јончевски: Се дигна многу прашина околу Шортс, но вечерва победивме со сите 12 кошаркари!

634

Македонската кошаркарска репрезентација продолжи во ист ритам во претквалификациите за пласман на ЕУРО 2025 година. Третата победа е заверена, Норвешка падна во Гевгелија, и тоа убедливо, избраниците на Александар Јончевски славеа со 58-36.

Одбраната на нашиот тим беше на ниво на задачата, а предводникот на нашиот најдобар национален тим има право на задоволство.

„Успеавме да ја сопреме нивната транзиција, покрај тоа не постигнаа ниту една тројка од 21 обид. Тоа е заслуга на целиот тим и енергијата која ја внесовме. Добро се подготвивме, имавме контрола уште на стартот.

Очекуваме цврста игра и против Данска, но не треба да не залажува нашата победа во гости. Треба да останеме со свежи глави и да ја завршиме втората третина. Свесни сме дека било каков кикс ќе ја врати нашата амбициај назад. Ќе го анализираме натпреварот против Словачка и ветувам иста игра и во недела“, заврши Јончевски.

Тој го коментираше и новиот Американец, како за прва средба Ти-Џеј Шортс ги исполнил неговите очекувања.

„Задоволен сум од Шортс и го одигра тоа што го очекувавме и се надевавме. Осумте поени можеби не се кој знае колку, но впиша и осум асистенции, организираше и ангажиран беше и во одбраната. Овие денови сите му помагавме да се вклопи во тимот, Многу голема „прашина“ се крена околу неговата натурализација, но треба да им се даде заслуга и на нашите кошаркари. Вечерва победивме со сите дванаесет кошаркари“.

Македонија и Данска играат на 13. ноември, исто во салата „26 април“ во Гевгелија.

ПретходноБлажевиќ: Ми доаѓа крајот, не ми е до фудбал
СледноРобев: Ништо не е завршено, не треба да се опуштиме!