Мукаетов: Посебно сум горд бидејќи ракометарките станаа спортски симболи, пред ова ЕП ретко кој знаеше како изгледаат!

115

Македонската ракометна федерација донесе врвен ракомет во нашата земја, поточно во нашиот главен град. Да се биде организатор на едно Европско сениорско првенство во женска конкуренција е голем предизвик бидејќи подготовките за истите не почнуваат еден месец пред стартот на истото, туку години претходно.

Секое големо натпреварување бара голема одговорност, а раководството на РФМ на чело со претседателот Живко Мукаетов успешно го реализираа овој сериозен проект, за Македонија се збори низ цела Европа, во Скопје дојдоа квалитетни репрезентации.

РФМ има право на задоволство бидејќи јавноста веќе ги препознава нашите ракометарки, веќе имаат место меѓу фановите, што пак е голем плус во обидот да се крене женскиот ракомет.

„Искрено сум горд на сето она што го сработевме, ова беше сериозен проект за кој верувам дека целосно одговоривме на предизвикот. Горд сум што имавме над илјада волонтери во сите сегменти од шампионатот, сите тие на свој начин дадоа придонес за оваа организација да биде на највисоко ниво, што е додадена вредност за нас како организатори, но и за нив самите бидејќи се дел од едно големо натпреварување. Она што ме прави исклучително горд е фактот дека ракометарките станаа спортски симболи, до пред ова ЕП ретко кој знаеше како изгледаат, а сега веќе се многу попознати за јавноста, за фановите. Тоа е еден голем плус за она што се обидуваме да го направиме, да го кренеме женскиот ракомет, за и оваа селекција почесто да учествува на големитe натпреварувања“, рече првиот човек на РФМ, Живко Мукаетов на заедничката средба со Михаел Видерер и дел од спортски новинари во нашата земја. 
ПретходноПолувреме: Фантастичниот Малески за водство на лидерот во супер – дербито, водат и Шкупи, Тиквеш и А. Пандев!(ВИДЕО)
СледноВардар и натаму максимален, рутински триумф против Прилеп!