Михаел Видерер: Никој не сакаше да го исклучи Вардар, но од тој клуб добивавме само ветувања!

293

Првиот човек на ЕХФ Михаел Видерер од вчера е во Скопје. Тој му е гостин на претседателот на РФМ Живко Мукаетов во време додека се одржува ЕП за жени. Денеска Видерер имаше брифинг со претставниците на медиумите, а секако дека главен збор имаше за ситуацијата со Вардар, за неговото исклучување од ЛШ.

Видерер покрај другото истакна:

Никој од ЕХФ не сакаше да се преземе ваков чекор, сепак знаеме дека станува збор за двоен европски првак. Се обидовме да најдеме поинакво решение, добивме ветувања, но се остана само на зборови. Решението се одложуваше повторно и повторно, искрено верувам дека луѓето од Вардар се надеваа дека ќе успеат да ја средат ситуацијата, но кога не успеаја во тоа, повторно се бараше поинакво решение и одлагање. Од друга страна, ние бевме под притисок од останатите клубови, кои се жалеа дека Вардар победува „мамејќи“, нудејќи им на ракометарите огромни плати а потоан истите не ги исплаќаше. Откако видовме дека нема начин да бидат подмирени обврските, бевме приморани да ја изречеме мерката исклучување од групната фаза од ЛШ, нешто што искрено не сакавме да се случи“ посочи Видерер.

Интересно, Видерер и самиот призна дека нема гаранција дека Вардар и ако стане повторно шампион на Македонија би можел да игра во ЛШ во наредната сезона.

Со Вардар постојат два аспекти на ситуацијата, првиот е долговите кон играчите и тренерите од минатите сезони, а вториот е ризикот за опстанок на клубот. Не зборувам за опасност од целосен колапс, туку дека она првото, долговите може да донесат до блокирање на сметка и потоа за значително ослабување на екипата и не можност да се продолжи натпреварувањето во текот на сезоната. Тоа е нешто од што ЕХФ е директно засегнат, бидејќи ние ја нудиме Лигата на Шампионите како врвен продукт во договорите за ТВ-права и воопшто не сакаме да влегуваме во ризик дали некој тим ќе може да ја заврши сезоната со респектабилен состав. Затоа, од сегашна перспектива не можам да ви кажам: Да, Вардар ќе игра во ЛШ, или дека нема да игра. Она што ќе треба е сите долгови да бидат подмирени, но и федерацијата од своја страна да даде одредени гаранции дека нема да дојде до несакани ситуации или потреси во однос на функционирањето на клубот среде сезона“истакна покрај другото првиот човек на ЕХФ.

ПретходноОдложена пензијата на Ставрев!
СледноДобри вести од ЕХФ, Видерер најави: РФМ и Македонија можат да бидат ко-домаќини на ЕП во машка конкуренција!