Македонските таеквондисти од утре ги почнуваат настапите на Светското првенство во Гвадалахара, Мексико. Организаторите денеска ги објавија и резултатите од ждрепката, па нашите натпреварувачи ги дознаа своите ривали во првото коло.
Нашиот олимписки медалист Дејан Георгиевски во категоријата +87 килограми ќе стартува во 1. коло против Колумбиецот Валтер Салдариага, кој според досегашната статистика не може да се пофали со медал од некое големо натпреварување.
Филип Додевски во категоријата -87 килограми во првата рунда ќе се сретне со Мароканецот Еласби Суфиане, додека нашата единствена преставничка во женска конкуренција, Мила Рељиќ, во категоријата -62 килограми ќе мора да почека да заврши борбата меѓу Едајонг Мејо од Габон и Тончанг од Тајланд за да дознае со кого ќе се сретне во премиерниот меч.