Срамно: Кој си “ИГРА“ со ФК Тетекс!?

1537

Пишува: Зоран Ѓоршоски

И дефинитивно ФК Тетекс го допре дното. Еден од нашите најголеми фудбалски брендови, еден од трите македонски клубови кои некогаш играа во елитната лига во екс – СФРЈ, еден од оние со кои сите ние со години се гордеевме, гордоста на градот под Шара, вчерашниот ден го одбележа како најцрниот ден во својата долга, долга историја, која трае повеќе од седум децении.

ФК Тетекс вчера во Битола загуби од Пелистер со 11:0, и ако битолчани во некои ситуации не ја враќаа топката назад, катастрофата можеше да биде и со повеќе голови изразена.

Замислете, Тетекс сезонава во ВМФЛ во последните шест меча забележа исто толку порази со само еден даден гол, а примени 35. Ова се резултатите на Тетекс во тие шест последни натпревари:

Пелистер (0:11), Беласица (0:4), Слога В (0:3), Воска (0:4), Гостивар (0:7), Беса (1:6).

Па зарем е можно, ќе се запрашате?

Да, можно е. Тоа е клубот кој на почетокот од осумдесетите години од минатиот век на својот нов стадион во Тетово ги пречекуваше Вардар, Партизан, Динамо Загреб, Хајдук, Ц. Звезда, Жељо, Вележ, Војводина и останатите големи клубови од бивша Југославија во рамките на првата лига во екс – СФРЈ, која тогаш се сметаше за петта најсилна во Европа.

Засрамете се!!!

Ова е за тие што сега го водат Тетекс, ако ги има такви, но и за дел од оние кои го водеа клубот во изминатиот период.

Шарлатани.

Демек ќе го спасувале Тетекс, а тие не знаат себе си да се спасат.

На моменти во оваа Македонија, во изминатите три децении Тетекс беше голем, двапати го освојуваше Купот, играше и во Европа, играше и во ПМФЛ.

Сепак искрено падот на овој клуб, клубот на нашата младост, почна со осамостојување на Македонија, од времето кога гигантот „Тетекс“ веќе немаше намера да вложува и финансира.

Па затоа одредени фаци, кои лично имав прилика да ги познавам, ова е некаде пред 15-20 години, беа јаки на вилица дека го спасуваат Тетекс, а всушност им беше најважно нешто друго. И тука сфатив дека од Тетекс нема да има ништо.

Тетекс ги загуби и вистинските фанови, оние фанови кои душата ќе ја дадат за својот Тетекс. Секоја чест за “војводите“, но….ајде сега да не ставаме сол на отворената рана.

За крај. На Тетекс и тетовци кои го сакаат Тетекс не им е виновна Шкендија, уште помалку „Еколог“, со Тетекс треба да се “занимава“ некоја друга фирма налик на „Еколог“ а има такви.

Ние Македонците сме силни само кога се удираме во гради и кога велиме колку силно ја сакаме Македонија, колку силно го сакаме Тетекс.

А кога треба нешто да се преземе, е тогаш ја виткаме опашката и тогаш виновна е Шкендија, некогаш Ренова….

Штета.

Но така е тоа. Кога нема некој да дојде во Тетекс тогаш „штофарите“ ќе си губат со 0:11 и тогаш кога Пелистер игра во „втора брзина“.

По оние вчерашни и срамни 0:11 најмногу треба да се засрамат оние кои со години, па и со децении го „спасуваа“ Тетекс, а всушност работеа за ….

Знаат тие на кого мислам.

ПретходноКаков шок за Надал на стартот од завршниот мастерс во Торино!
СледноРоналдо без „влакно на јазикот“ го понижи Тен Хаг, за Руни кажа дека е љубоморен