ФК Вардар со порака по повод прославата на 75-тиот роденден: Вардар ќе живее!

308

Како што е познато, ФК Вардар нашиот најтрофеен клуб, сега второлигаш кој ги живее своите најдраматични моменти од своето постоење, оваа година го прославува 75-тиот роденден.

По тој повод, но и по повод централната прослава и одигрувањето на пријателскиот меч со Железничар, денеска ФК Вардар излезе со соопштение кое ви го пренесуваме во целост:

Почитувани навивачи на Ф.К. Вардар, почитувана јавност,

Оваа година фудбалскиот клуб Вардар прославува 75 години од своето формирање. Роден во истоименото кино на 22. јули 1947 година, создаден за да пркоси, за да биде база на македонштината и симбол на градскиот дух и спортскиот квалитет.

Успесите на клубот, темелниот начин на функционирање и длабоко врежаниот национален набој се трите главни компоненти кои низ децениите ја изградиле нераскинливата врска помеѓу клубот и навивачите, не само од Скопје и Македонија, туку и од целиот свет.

Освојувач на националниот Куп на Југославија во 1961 година,

Шампион на Југославија 1987 година,

Единаесет пати шампион на Македонија,

Пет пати освојувач на Купот на Македонија,

Двапати освојувач на Суперкупот на Македонија.

Генерации фудбалери, генерации спортски работници и генерации навивачи низ овие 75 години ја граделе историјата на клубот. Титули освоени со многу труд и желба, порази од кои секогаш сме станувале посилни и црвено-црната боја, како симбол низ кој се проткаени идеалите, достоинството и поривот на Македонецот – е ова е нашиот Вардар!

Покрај големиот јубилеј на клубот оваа година и верната Вардарова навивачка група – Комити Запад, го прославува својот 35 роденден.

Западната трибина и спектаклите кои нашите навивачи ги приредувале низ годините, секогаш биле нашата најголема мотивација. Километрите кои заедно со нас ги поминале, победите на кои заедно со нас се радувале и комитската песна која во моментите на најголем пораз грмела од црвено-црниот коп биле и ќе останат нашата најголема сила.

Ви благодариме за сите години поддршка, за љубовта која ја посветувате на клубот и заради тоа што никогаш на клубот му немате свртено грб. И знајте добро, сево ова ќе мине, ќе дојдат подобри денови за нашиот клуб, но ќе се помни дека во најлошото – тука биле само Комити!

Годините минуваат, нашиот Вардар и покрај сите предизвици продолжува да живее. И ќе живее се додека се раѓаат нови црвено-црни бебиња на кои уште од мали нозе ќе им ја раскажуваме приказната за Илеш Шпиц, за Андон Дончевски, за големиот Рингов, за Кочо, за победата над Вартекс во 1961 и пречекот во Скопје и за уште безброј приказни од славната историја на клубот кои се длабоко врежани во меморијата на секој навивач на Вардар.

ПРОСЛАВА ПО ПОВОД ЈУБИЛЕЈОТ

Централната прослава по повод родендените на Ф.К. Вардар и Комити Запад ќе се одржи на 23.11.2022 година, кога на Градскиот стадион во Скопје, со почекот од 19:30ч. ќе се одигра пријателскиот натпревар помеѓу екипите на Ф.К. Вардар и Ф.К. Железничар од Сараево. Цената на билетите изнесува симболични 100 денари и истите ќе може да ги набавите на неколку локации во градот Скопје, како и на самиот ден на натпреварот.

Ве покануваме да дојдете, да го прославиме роденденот на нашиот Вардар, да уживаме во уште еден спектакл на Комитите и сите заедно од нашиот дом – Градскиот стадион во Скопје, да пратиме јасна порака – Вардар ќе живее, Вардар засекогаш!

ПретходноФото на колото: Ова е Силјановски или Даме Груев!?
СледноСудиска анализа на 15.коло во ПМФЛ и 12.коло во ВМФЛ: Неколку погрешни проценки на судиите викендов!