Македонската фудбалска репрезентација в четврток од 18:00 часот го игра првиот од двата пријателски мечеви кои се пред нас. Противникот е Финска, а потоа ни доаѓа и Азербејџан. Два меча кои ќе ни послужат дополнително да се воиграме и да ја добиеме онаа позитивна енергија во националниот тим пред квалификациските дуели напролет.
„Не е лесно сега по се она што се случуваше повторно да сме тука. Заморени сме, имавме многу мечеви. Важно е да не се повреди никој, овие мечеви се битни за нас дополнително да се воиграме, да речеме како посилен тренинг. Нормално е да сакаме да победиме и на овие дуели, тука нема дилема околу тоа. Позитивен резултат секогаш е потребен. Околу ранкингот на Македонија, да речеме дека тоа е статистика. Кога победуваш одиш напред. Тоа и не е така важно. Во денешниот фудбал нема фаворити, туку секогаш мораме да се стремиме кон подобар резултат.
Квалитетот го имаме, тоа мора да се рефлектира на терен. Противниците кои се пред нас се квалитетни, и мора да се најде дополнителна мотивација за овие мечеви. Пак ќе кажам, не е лесно да се доаѓа и да се дава секогаш максимумот по се она што се случи во изминатиот период. Сепак, на крајот на краиштата ова е репрезентација и мора да се биде секогаш на највисоко ниво“ – изјави Езџијан Алиоски.