Поранешниот англиски репрезентативец Арон Ленон објави крај на професионалната фудбалска кариера. 35-годишниот фудбалер објави дека ги закачува копачките на клинец и со тоа става крај на 20 годишното играње на фудбал.
„Одлучив дека е време да објавам крај на кариерата. Ги разгледав сите опции, а не се чувствувам повеќе силен за да продолжам. Фудбалот е мојот живот и затоа ова ми беше тешка одлука. 20 години играм на професионално ниво и задоволен сум од тоа“, изјави Ленон.
Инаку Ленон популарноста ја стекна во Тотенхем каде што играше 10 сезони. Потоа играше за Евертон, Барнли, Лидс, турски Кајзериспор, а во август минатата година се врати во Барнли. Тој има и 21 натпревар за Англија и играше на СП 2010.
Од 2017 година неговата кариера почна да се движи по надолна линија поради ментални проблеми.