Откако реакцијата на ФК Шкупи, по повод изгласаната финансиска помош од страна на Град Скопје, односно советот, со кој на ФК Вардар за следната 2023 година му се доделуаат 15.000.000 денари или 250.000 евра помош, предмалку со реакција се јави и ФК Работнички.
Уште еден прволигаш, трофеен и тоа со многу титули во шампионатот, купот, Европски авантури, и секако еден куп младински и сениорски репрезентативци се најде повикан да го прокоментира потегот на Град Скопје. Со официјално соопштение, ФК Работнички јавно ги прозива гратските власти подеднакво да ги гледаат спортските субјекти на подрачје на Скопје и да се грижат подеднакво за сите. Соопштението ви го пренесуваме во целост.
„ФК Работнички е фудбалски бренд од метрополата и Македонија воопшто, клуб формиран далечната 1937 година кој гордо го носи епитетот Херојот од Дебар Маало. Оттаму сметаме дека Градот Скопје треба да смогне сили и да најде начин да ги помага и другите клубови, посебно прволигашите кои имаат и европско педигре.
Во овој тежок период и останатите фудбалски клубови во Македонија имаат тешкотии во финансирањето, а ФК Работнички е единствениот клуб од Скопје кој своите натпревари ги игра на арената „Тодор Проески“ и одвојува значителни средства за таа намена.
Би сакале да напоменеме дека ФК Работнички не е против одлуката да биде помогнат ФК Вардар, но не смее да биде само еден клуб привилегиран на сметка на сите останати. ФК Работнички во последните 15 години нема добиено никаква помош од Градот Скопје или било која друга градска институција“, вели извршниот директор на ФК Работнички, Иван Поповски.