Мерцедес тврди дека нема да му даде повластен третман на Луис Хамилтон за последната трка во Формула 1 во Абу Даби на која Британецот сака да ја продолжи традицијата на макар една остварена победа во сезоната, откако е дел од Ф1 циркусот од 2007 година. Трката во ОАЕ е последна можност за седумкратниот светски шампион да го задржи овој победнички рекорд, откако од неговата прва сезона во 2007 година, тој досега победувал на една или повеќе трки по сезона се до оваа сезона, во која се уште нема ниту еден триумф.
„Луис не треба и не би сакал да се однесуваме повластено со него, бидејќи тој веќе посочи дека не го брка рекордот“, рече тимскиот шеф Тото Волф пред последната трка.
„Тој мисли дека е поважно болидот да се подобри и следната година повторно да се бори за титулата“.
Мерцедес минатата недела во Бразил ја постигна првата победа оваа година, но не победи Хамилтон, туку неговиот сонародник Џорџ Расел. Хамилтон има 103 Гран при победи во кариерата и го дели овој необичен рекорд на макар една победа во сезона со легендарниот Михаел Шумахер, кој од 1992 до 2006 година имаше победи во секоја од сезоните во кои возеше во Ф1.