Еден Азар пред почетокот на Светското првенство даде интервју за Марка во кое меѓу другото навести и заминување од Реал Мадрид. Тој ја отфрли можноста да си замине во јануари.
„Среќен сум што играм фудбал во најдобриот тим во светот. И тоа е тоа. Не само затоа што играм за Реал Мадрид, туку затоа што играм фудбал и тоа е она што сакам да го правам во животот“, изјави Азар на почетокот на интервјуто и додаде:
“Нема да заминам во јануари бидејќи имам семејство и ми се допаѓа градот, но можно е да заминам на лето. Имам уште една година од договорот и тоа е одлука на клубот. Доколку клубот ми вели: „Еден, ти благодарам четири години, но мораш да си одиш, ќе морам да го прифатам тоа затоа што е нормално. Но, би сакал да играм повеќе, да покажам дека можам да играм повеќе, дека сум добар играч. “, додаде Белгиецот.
Еден зборуваше и за проблемите со вишокот килограми и дека променил многу работи, вклучително и храната.
“Среќен сум што имам семејство кое ми помага за вакви работи. Има многу потешки работи во животот. Играм фудбал, моментално немам среќа, но во ред е, таков е животот “.
Навивачите често се вознемирени поради хонорарите, платите и тешките сезони, а која е пораката на Еден за тоа?
„Извини пријателе. Се трудам, но… извини. Имам уште една година и треба да го докажам тоа, но не е лесно: Не играм, сакам да играм повеќе … Навистина ми е жал, жал ми е за она што се случи“ .
Азар денеска со репрезентацијата на Белгија отпатува за Кувајт, од каде ќе патува за Катар. Азар се надева дека ќе добие шанса кај селекторот Роберто Мартинез, а неговата репрезентација во групната фаза ќе се соочи со Хрватска, Мароко и Канада.