Вечерва на Арената во Скопје, во пријателски натпревар, Македонија одигра 1:1 со опасната Финска. Антман им донесе на гостите водство уште во првиот дел, но затоа Барди од пенал во 75.минута донесе израмнување.
Добар тест и за двете репрезентации за она што е поважно, за квалификациите за ЕП 2024 кои почнуваат во март следната година.
Имавме игра, шанси, добри акции, но имаше и Финска која во два наврати ја погоди и нашата статива. Се чини оваа Македонија може и мора подобро.
Веднаш треба да се каже дека на трибините на Арената, вечерва имаше не повеќе од 2.000 гледачи. Навистина слаба посета, можеби ова беше пријателски натпревар, но овие момци заслужуваат поголема поддршка.
Натпреварот почна мирно, со она почетно испитување на силите, но многуи бргу нашите момци тргнаа со пресинг не оставајќи им шанса на гостите да наметнат свој стил на игра. Имаа проблем и тоа каков да ја изнесат топката од својата половина, но затоа контрите им беа опасни.
Несторовски во 15. минута ја отвори серијата на наши шанси, беше во убава ситуација, но Јоронен одлично одбрани. Неколку минути подоцна Алиоски можеше да ни донесе водство, но немавме среќа таа топка да влезе во мрежата. Финците опасно се заканија во 24.минута кога Хосконен од далечина ја погоди стативата, а тоа како да беше некое наговестување дека ќе следува и нивно водство кое дојде во 37.минута. Брза контра на Финска, прекрасна акција а ние примивме ефтин гол, мрежата на Димитриевски ја затресе Антман за 0:1.
Штета.
По тој гол Несторовски во два наврати можеше да донесе израмнување, но немаше среќа, па затоа на пауза се замина со водство на гостите од 0:1.
Велиме штета зошто Македонија беше таа што играше, што создаваше шанси, а Финска успеа да постигне еден гол.
МИЛЕВСКИ СО УЛТРА ОФАНЗИВА
Вториот дел го започнавме со ултра офанзивна постава. Селекторот Милевски во игра го внесе Миовски и Дориев, кои влегоа место Бејтулаи и Спировски. И за само 7-8 минути имавме четири закани, Барди два наврати, па пак Несторовски и Елмас, но гол немаше.
Но затоа Финска во таа 60.минута имаше зицер, и тоа каков, Похјанпало излезе сам пред Димитриевски, но нашиот голман на чудесен начин го спаси својот гол.
Во тие моменти нови измени, во игра влегоа и Атанасов, Етеми и Велковски. Македонија и натаму имаше акции од наша страна, закани, но таа реализација и натаму беше лоша.
Во 67.минута Соисало имаше одлична шанса за 0:2, но за наша среќа беше непрецизен. Нема што, Финците покажаа на дело како треба да се игра на контранапади. Опасни се, опасни. На другата страна Миовски беше во шанса, убаво шутираше со глава, но за малку беше непрецизен.
БАААРДИИ…ОД ПЕНАЛ ЗА 1:1
Конечно. Македонија постигна гол и тоа од пенал. Се играше 75.минута кога Соисало го фаулира Алиоски во казнетиот простор што за судијата Симовиќ немаше дилеми дека тоа е пенал за Македонија.
Барди ја презеде одговорноста, и успеа да израмни на 1:1. Браво Барди.
Гол за дополнитена мотивација, за враќање на самодовербата.
Но, во 83.минута Диого Томас ја погодува нашата статива, сега повторно имавме среќа.
На крајот резултатот гласеше 1:1.
Веќе во недела играме со Азербејџан, во втората контрола овој ноември.
Пријателски натпревар:
МАКЕДОНИЈА – ФИНСКА 1:1 (0:1)
Национална Арена “Тодор Проески“ во Скопје. Судија: Новак Симовиќ (Србија). Стрелци: Барди (п) 75. (МАК), Антман 37. (ФИН). Ж. Картони: Елмас (МАК), Похјанпало, Соисало (ФИН).
МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ристовски, Бејтулаи (46. Дориев), Муслиу (59. Велковски), Серафимов, Алиоски, Барди, Николов (59.Етеми), Спировски (46. Миовски), Несторовски (59. Атанасов), Елмас (87. Елези)
Селектор: Благоја Милевски.
ФИНСКА: Јоронен, Олила, Иванов, Аихо (72.Диого Томас), Хосконен, Лингман (58.Маенпа), Лод (61.Соисало), Антман, Тејлор (72. Хостика), Похјанпало, Сухонен.
Селектор: Марку Канерва.