РФМ приреди ЕП за паметење: ЕХФ со признанија, француско добар ден на македонски јазик!

788

Пишува: Марија Ковачева

Завеста на Европското сениорско првенство во женска кокуренција во Скопје и официјално беше спуштена вчера. Ракометната федерација на Македонија во салата „Борис Трајковски“ донесе врвен европски ракомет. Од 5. до 16 ноември нашиот главен град беше во центарот на вниманието.

Придобивките се големи, но задоволството уште поголемо. Насмевките на првите луѓе на ЕХФ на затварањето, но и за време на првенството доволно говорат. Комплименти од европската ракометна федерација тешко се добиваат, а исто и признанијата, а тоа задоволство го имаше раководството на РФМ на чело со претседателот Живко Мукаетов.

„Задоволство беше да бидам тука во Скопје. Ви благодарам на сите за сето она што го направивте во изминатите денови, навистина беше одлично. Честитки до РФМ се покажавте како одлични домаќини“, беа дел од завршните зборови на генералниот секретар на ЕХФ, Мартин Хауслејтнер.

РФМ МУ ДАДЕ ЕВРОПСКИ ИЗГЛЕД НА СЦ „БОРИС ТРАЈКОВСКИ“

Можеби изгледа како да е едноставно, но процесот на организација ни малку не е лесен, особено за една мала земја како што е Македонија. СЦ „Борис Трајковски“ го доби ликот за кој ретко се надевавме, се изгледаше европски. Од трибините, теренот, малата сала која беше главен центар на сите европски новинари до тоалетите кои беа целосно реновирани.

Малкумина имаа можност да видат буквално се, да бидат блиску до сето она што се случуваше секој ден.

Почетокот беше ист како крајот. Скопје стартуваше без проблеми за разлика од останатите две земји. Мислевме дека треба да ни бидат модел, но успеавме да бидеме одличен пример за организација на едно големо натпреварување, се течеше според поставените стандарди. Кој би рекол дека една мала земја, ќе успее. РФМ навистина успеа.

Додека Скопје броеше часови до стартот на ЕУРО, ден порано од „зелената“ земја дојде абер дека  „зеленото“ се претворило во сивило. Ништо поразлично не беше ниту во другата земја домаќин, таму прокисна сала, а оние кои се преселија во нашиот град беа видно изненадени.

ВРВЕН РАКОМЕТ СО ВРВНИ ИМИЊА, МАКЕДОНИЈА ПОСЛЕ 1О ГОДИНИ СЕ ВРАТИ НА ЕВРОПСКАТА КАРТА

Репрезентации како Франција, Романија, Црна Гора, Холандија, Германија и Шпанија, можевме да ги видиме на дело, да гледаме ракометни битки кои вообичаено и веќе долго време можеме да ги следиме само пред ТВ екраните.

И не само тоа, Македонија по долго време после 2012 година беше дел од ова одбрано друштво, до кое реално тешко се доаѓа. Македонското знаме и македонската химна одново се пееја на еден еврошампионат во женска конкуренција, сонот на репрезентативките се исполни, го „вкусија“ предизвикот. Резултатот е очекуван, три порази во исто толку одиграни натпревари, но чекорот е направен, како што кажа првиот човек на РФМ, тие станаа спортски симбол, ретко кој пред ова ЕУРО 2022 ги знаеше. Искуството е собрано, овие млади девојки полека, но сигурно треба да изградат подобра иднина за која ќе треба да имаме трпение. Нивните солзи на првиот меч против Франција и последниот ден против Романија, испратија една порака – со срце играа за Македонија.

ФРАНЦУСКО ДОБАР ДЕН НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК

Придобивки од ова ЕУРО 2022 имаше и Скопје. Настапите на своите репрезентации, но и групната и главната фаза ја проследија голем број на новинарски познати екипи од Франција, Унгарија, Холандија, Шпанија, Данска, Германија, Црна Гора и секако новинарите на ЕХФ.

Имаа што да видат, но што и да вкусат. Македонските традиционални јадења и пијалоци ги омекна срцата и на најладните. На прво место се француските новинари, беа речиси две недели во Скопје, а после третиот ден ги видовме нивните насмевки, а најважно од се и слушнавме македонски зборови изговорени токму од нив. Оваа земја е позната по максимално почитување на својот јазик, ретко кога некој се обидува да научи друг јазик, макар два три збора, секако освен англискиот, кој новинарите мораат да го знаат поради честите патувања.

„Со добар ден, како сте и слични зборови не почестуваа секој ден во медиа центарот. Ги пофалија сите наши јадења, секако и македонското вино, станаа фанови на македонската ракија, едноставно го заскаа Скопје, пресреќни беа што токму Франција играше во нашиот главен град“.

Ништо поразлично не беше ниту со Унгарците, екипа од над 20 луѓе секојдневно се обраќаа со зборови на македонски јазик.

На крајот на ова ЕУРО 2022 сите се почувствувавме како горди Македонци, бидејќи мисијата беше исполнета, а завесата успешно спуштена. Можеме со право да се надеваме дека во иднина одново ќе бидеме домаќини на ново големо натпреварување, Михаел Видерер најави дека имаме капацитет да организираме една фаза во машка конкуренција.

Ракометот дефинитивно останува број еден спорт во Македонија.  

ПретходноОфицијални состави: Македонија со Столе, Барди, Џани, Ристовски, Елмас, Нестор…
СледноУжасни вести од Австрија: Легендарниот фудбалер се фрлил под воз!