Мукаетов: Нашата арена беше „местото каде што сите сакаат да бидат“! Покажавме дека сме добри домаќини!

322

СПОРТМЕДИА во Љубљана, Марија Ковачева

Во салата „Стожице“ во Љубљана се одржа завршницата прес-конференција по повод Европското првенство 2022 година кое официјално завршува утре. На истата беше присутен претседателот на РФМ, Живко Мукаетов, главната причина поради која во Македонија дојдоа квалитетни репрезентации, се играше врвен ракомет, а нашиот женски сениорски тим после десет години пауза се врати на европската карта.

Мукаетов му се заблагодари на Михаел Видерер и останатите членови на ЕХФ за доверената шанса. Ова ЕУРО беше вистинска промоција на ракометот од секој аспект.

„Почитуван претседателе Видерер, членови на Извршниот комитет на ЕХФ, претставници на медиумите, драги ракометни пријатели… Пред се, сакам да му се заблагодарам на ЕХФ што искажа доверба во Ракометната Федерација на Македонија за така важен проект како што е ЕП 2022 за жени. Од самото поднесување на нашата апликација заедно со федерациите на Словенија и на Црна Гора, пред повеќе од пет години, се што сторивме, од аспект на логистика, стратегија и инфраструктура, се беше посветено во служба на овој шампионат.

По пет европски и три светски млдински шампионати, презадоволни сме што ова сениорското беше вистински успех. Женскиот ракомет има долга традиција во Македонија, датира уште од 1930 година. Огромна чест ни е, што по десет години пауза бевме во можност нашите сениорки да ги вратиме на највисокото ниво, во фокусот на вниманието на едно големо натпреварување. Во изминатите седмици, нашата арена беше „местото каде што сите сакаат да бидат“.  Така, напорната работа од повеќе од пет години беше за вистинската кауза – промоција на ракометот од секој аспект“, рече првиот човек на РФМ.

Мукаетов им се зблагодари на сите кои беа дел од проектот ЕУРО 2022 година.

„За тоа, сакам да им се заблагодарам на сите кои работеа на проектот: над 70 волонтери, вработени во федерацијата, посветени партнери и соработници, кои ни даваа поддршка, како и македонските медиуми кои блиску го следеа настанот. Но пред се, сакам да изразам благодарност до ЕХФ за довербата во нас, искрено верувам дека оваа меѓусебна доверба и позитивна соработка ќе продолжат и во иднина. Се надевам дека сите учесници ќе понесат добри спомени од Македонија, Црна Гора и Словенија“.

ПретходноЕнис Барди: Потребна е победа за подигање на атмосферата!
СледноПрволигашките клубови од УЕФА ќе добијат 1.388.000 евра за развој на младинскиот фудбал!