Денеска на Арената “Тодор Проески“ во Скопје во 14 часот, во сенка на стартот на Мундијалот во Катар, А-репрезентацијата на Македонија против Азербејџан ќе го одигра својот втор пријателски меч овој ноември, по оние 1:1 со Финска пред три дена, и последен воопшто натпревар за „рисовите“ за оваа 2022 година.
Е, па, Македонијо време е за победа, со триумф да ја завршиме годината. Последен пат сме се израдувале на победа на 12 јуни кога во Скопје го победивме Гибралтар. Од тогаш па наваму одигравме четири средби (една неофицијална пријателска) и имаме три порази и едно реми.
Азербејџан е силен тим, во последно време и тоа како се дига, токму противнк по мерка за момците на селекторот Благоја Милевски.
Македонијо,време е за победа. Победа во овој последен „тест“ пред стартот на квалификациите за ЕВРО 2024, кога на 23 март ја дочекуваме Малта во првиот меч.
Милевски и Барди вчера на пресот кажаа дека ова ќе биде одлична контрола, меч кој ќе се искористи за поправање на грешките, меч во кој се очекува и реализацијата конечно да биде на ниво. Познато е дека против Азербејџан ќе настапиме и без Миовски (болест) и Алиоски (семејни причини). Ова ќе биде шанса и за оние играчи кои досега не добиваа поголема минутажа да покажат што знаат. Дали може Милевски да смета на нив во квалификациите.
Играме против ривал против кого досега немаме забележано пораз. Со Азербејџан сме се сретнале во седум наврати. Имаме пет победи и само две ремија. Ова ќе биде трет меч на кој против Азербејџан ќе бидеме домаќини, претходно имаме победи со 3:1 и 3:0.
Нека биде нешто слично и денеска.
Нека биде победа за крај на оваа 2022 година кога станува збор за А-репрезентацијата на Македонија.