Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ го совлада Каспер Руд со 2-0 во сетови и го освои Завршниот АТП турнир во Торино.
Ѓоковиќ беше подобар од Руд по околу час и половина тенис, со 7:5, 6:3 и со 35 години стана највозрасниот шампион на Завршниот турнир досега. Србинот го освои шестиот Финален турнир во кариерата, прв по седум години и се израмни со Роџер Федерер по бројот на титули во ова натпреварување.
Ова е петта титула за Новак во 2022 година, а годината ќе ја заврши на петтото место на АТП-листата. Со победата во Торино, тој го собори и рекордот за освоени парични награди на еден турнир во историјата на тенисот, бидејќи ќе добие чек од 4.740.300 долари.