Селекторот на Македонија Благоја Милевски беше критичен кон фудбалерите по овој пораз од Азербејџан. Исто така посочи дека овој тест и оној дуел со Финска му дал појасна слика од тоа кој може, а кој не да го носи дресот на Македонија на следните натпревари.
„Сакам да му честитам на противникот за победата. А нас и тоа како ќе ни послужат овие два дуели (со Финска и Азербејџан). Ако со Финска бев задоволен од некои работи, сега тоа не е така. Ова е убава шлаканица за нас. Да го ставиме прстот и да се запрашаме колку го цениме македонскиот дрес. На чело со мене, а потоа фудбалерите и стручниот штаб.
Добро е што оваа шлаканица дојде сега, за да добиеме јака слика како стојат работите. Мора да го почитуваш моментот што си дел од македонската репрезентација. Со овој настап заслуживме ваков резултат. Да, ние сме во криза. Немаме замена за тие седум играчи кои денеска не беа во тимот. Новите очигледно не се подготвени да ги заменат“, кажа Милевски.
„Овој народ заслужува далеку подобра игра и подобра претстава. Немаме никаов проблем со организацијата или со работата или атмосферата. Финалниот производ на терен е лош. Кога победуваме сите сме победници, а кога губиме сите сме лузери. Не случајно инсистирав на вакви јаки пријателски за да знам кој има капацитет. Ќе анализираме и ќе оцениме кој заслужил да е тука, а кој НЕ“, вели нашиот селектор.
За тоа како успеавме да паднеме толку по онаа победа над Италија и финалниот бараж со Португалија за пласман на СП.
„Ние сме истите. Ја победивме Италија, игравме финален бараж за СП. Ама сега односот не ни е ист… Зошто? Мора да си го поставиме тоа прашање и да го најдеме одговорот во себе. Мора да се подобрат игрите во клуб и подигнување на формата таму, па доаѓање тука и подобри игри во репрезентацијата. Не случајно на првиот мој прес откако станав селектор реков дека не ми е важно каков е тимот сега, туку како ќе изгледа до 2025 година. Потребен е процес на подмладување, а за тоа се потребни години. Не е тоа преку ноќ. Систематски да се работи и да се чека прозвод. Базата на А репрезентацијата е У21, У19…“, изјави Милевски.