На Светското првенство во Катар се одиграа четири натпревари, а веќе два беа во центарот на вниманието поради официјалната посетеност на нив. Организаторот на турнирот на два од нив објави бројки за посетеност кои тешко можат да бидат вистинити, а потоа се најде на удар на критики поради тоа, пишува Дејли Мејл.
На секој досега одигран натпревар се зголемуваше бројот на гледачи, но ова посебно се однесува на два меча. И покрај тоа што беше јасно дека трибините не се полни и дека има многу празни седишта, според официјалните бројки, имало повеќе гледачи отколку што може да собере стадионот.
Така, воведниот натпревар на Светското првенство меѓу Катар и Еквадор во живо го следеле 67.000 луѓе, соопштија по него организаторите. Проблемот е што стадионот Ал Бајт може да прими 60.000 од нив и јасно се виде дека на полувремето е прилично празен.
Победата на Холандија против Сенегал од трибините ја следеа 41.721 навивачи. 40.000 стојат на трибините на стадионот Ал Тумама.