Е.Пелистер не успеа да приреди чудо во третото коло во рамките на Европската лига. И покрај големата желба, битолчани се соочија со суровата реалност, Фуксе Берлин е тим кој не може лесно да се добие, особено кога ниту составот не е комплетен. Македонскиот вицепрвак имаше сили само во првите 15 минути по доживеа целосен колапс, влезе во германската машинерија и беше совладан со 34-43.
Жарко Пешевски со осум гола од 11 обиди беше прв стрелец, пет од нив ги постигна во првото полувреме. Зад него беше Мирко Радовиќ со шест гола од осум обиди, пет гола имаше Марио Танкоски. На другата страна Вујовуќ запиша девет гола од 12 обиди.
По 5-5 и погодокот на Сери, гостите со серија од 1-5 поведоа со 6-10, па со 7-11. Фуксе Берлин ја казнуваше секоја грешка на Пелистер, во 25 минута поведе со 11-17, додека на одморот замина со позитива од осум гола 14-22. Бундес-лигашот го имаше расположениот Киреев, кој запиша 10 одбрани во едно полувреме, на другата страна Лесјак имаше пет.
На стартот на второто полувреме негативата стана двоицифрена, гостите едноставно беа без милост, поведоа со 16-28 по само пет минути игра и ставија точка на оваа средба.
Битолчани направија промена на голманската позиција, влезе Кизиќ, но ништо не се промени, па Лесјак одново се врати. А за да малерот биде поголем, Сери се повреди во 38 минута. Фуксе Берлин го сочува големото водство и остана перфектен со три победи во исто толку одиграни натпревари.
За седум дена, ракометарите на Е.Пелистер играат против Мотор Запорожје во рамките на Европската лига.