Трајчевска со голем оптимизам пред Белгија: Не се плашиме од никого, ниту пак ќе се предадеме!

155

Македонската женска кошаркарска репрезентација вечерва (20:30 часот) продолжува со квалификациите за пласман на Европското првенство 2023 година, за противник ја има селекцијата на Белгија.

Во првиот прозорец „црвено-жолтите“ запишаа два порази, дома од БиХ и на гости кај Германија, но за разлика од овие две средби, сега селекторот Александар Ашаданов на располагање има поинаков состав.

Во националниот дрес се враќа Јелена Антиќ, а ново име во Мерит Хемпе, новата Американка која треба да донесе свежина во нашиот состав. Голем хедикеп ќе биде отсуството на капитенот, Анжелика Митрашиновиќ, која ќе ги прескокне двете средби поради здравствени проблеми.

Белгија во Ловен ја пречекува Македонија од второто место на табелата, има една победа и еден пораз, беше подобра од Германија, а падна против БиХ.

„После цела година без тренинг, повторно се собравме, сепак, некомплетни. Ни недостасува најдобриот домашен играч, Анжелика Митрашиновиќ и уште неколку играчи од Италија кои не можат да бидат со нас. Факт е дека во изминатиот период трениравме некомплетни. Но ќе дадеме се од себе да дојдеме до позитивен резултат. Против нас ќе имаме големи кошаркарски имиња, но ние нема да се предадеме.

Да, како засилување ја имаме Мерит Хемпе. Се работи за одлична личност, се запознавме и заедно сме неколку дена. Мислам дека многу ќе ни помогне на теренот“, вели Нена Трајчевска. 

Трајчевска има свои очекувања за мечот закажан за 20.30 часот во Арената „Спортплаза“ во Ловен.

„Јас лично мислам дека можеме да се натпреваруваме со секоја репрезентација. Германија ни е попозната бидејќи игравме против неа во претходниот циклус. Но Белгија има неколку познати кошаркарки и е една од најсилните во Европа. Пак ќе кажам дека не се плашиме од никого, излегуваме да се натпреваруваме и ќе се бориме до крај“.

Дуелот меѓу Белгија и Македонија ќе биде директно пренесуван на Sport Klub 3 HD.

ПретходноВИДЕОЛОТАРИЈА ГО ПОДДРЖА БОБАН ИЛИОСКИ ВО НЕГОВИТЕ СПОРТСКИ ПРЕДИЗВИЦИ
СледноЗначајни победи за Борец и Фит Фан Волеј