Супер-лигата продолжува денеска, на програмата се шест мечеви, според распоредот на табелите во двете групи, би рекле доста интересни.
Во центарот на вниманието ќе биде пресметката меѓу Пролет и Тиквеш (18 часот). Ова е битка за второто место на табелата во групата Б. Домаќинот има 26 бода, еден повеќе од кавадарчани. И двата тима се во победничка серија, Пролет има четири триумфи во низа, додека избраниците на Данило Брестовац ќе ја бркаат шестата победа во серија.
Во истата група, Голден Арт го пречекува Радовиш во терминот од 14:30 часот. Скопскиот состав ќе ја брка петтата победа, додека пак гостите само втората.
Единствениот тим кој има перфектен скор, поточно 11 победи во исто толку одиграни меча, Вардар 1961 го пречекува Охрид во 18 часот. Актуелниот македонски првак во минатото коло го доби дербито со Алкалоид и се зацврсти на првото место на табелата на која ќе остане до крајот на овој дел од шампионатот.
Алкалоид пак нови бодови за враќање на победничката патека ќе бара против Струга на гости. Второто место засега е сигурно, но предводникот Кирил Лазаров и неговите момци одат со една цел – освојување на целиот плен на жешкиот терен во Струга.
Се чини најлесната задача ќе ја има Бутел Скопје, гостува во Куманово, бодовите ќе значат продолжување на трката за третото место или пак издвојување на истото доколку Охрид загуби од Вардар.