Пораз и од Германија: Кошаркарките добро тргнаа, па се изгубија (ФОТО)

115

По дебаклот во Белгија едно поинакво издание на македонската женска кошаркарска репрезентација во Скопје. Нашите девојки го исполнија она што го ветија, дека ќе одиграат добар меч, ќе го дадат максимумот. Вака и беше, против Германија одиграа многу сличен меч како на првата пресметка на гости, дури и нешто подобар. За жал, сиот труд не успеаја да го наградат со победа, паднаа во второто полувреме и беа совладани со 47-71 за четвртти пораз во квалификациите за ЕП 2023.

Избраничките на Александар Ашаданов не го почнаа мечот најдобро, имаа негатива од седум коша (6-13), но тоа пак не беше причина да ја изгубат вербата. Со серија од 8-0 направија пресврт, поведоа со 20-19 на стартот на втората четвртина и не застанаа. Во овој дел беа многу подобри, на одморот заминаа со водство од 35-27.

Германија врати на ист начин во третата четвртина, исто како на мечот на домашен терен, беше подобра со 9-19, а веќе на стартот на последната четвртина водеше со 44-54. Македонија не искористи неколку напади за да се врати во игра, на другата страна Германија на три и пол минути до крајот дојде на плус 11 (46-62).  Тука беше крајот на оваа средба. Во овој период нашите кошаркарки постигнаа само три поени, примија 25.

За разлика од дуелот со Белгија, Американката Хемпе го оправда потегот за издадениот пасош, постигна 20 поени и покажа потенцијал, кој оваа вечер немаше кој да го прати.

ПретходноФеникс падна во Гевгелија, Работнички фати залет
СледноMaсовна тепачка на руското дерби (видео)