МЗТ Скопје го запиша вториот триумф во АБА-лига, откако на домашен терен ја совлада Мега со 94-82 во рамките на осмото коло. Актуелниот македонски првак после повеќе од месец дена успеа да се израдува на победа во јадранското натпреварување, а воедно и да даде знак дека има што да понуди.
Ајви постигна 15 поени и 6 асистенции, Кефи имаше 14 поени и 8 асистенции, Војдан Стојановски имаше 12 поени, 11 постигнаа Дамјан и Бурсаќ, додека десет поени реализираше Крстевски.
Гостите го отворија мечот со 3-6, а потоа и со 7-12, негатива по која МЗТ Скопје се врати и израмни на 12-12. Неколку минути подоцна, избраниците на Александар Петровиќ со серија од 8-0, со поените на Војдан и Ајви, го превземаа водството и првата четвртина ја завршија во своја корист (25-21).
Вториот период беше резултатска нишалка, го доби гостинскиот состав, но на одморот позитива ја имаше актуелниот македонски првак (40-38).
По одморот, МЗТ Скопје отвори со 9-2 и поведе со 49-40, со поените на Крстевски, Мицовиќ и Војдан по само две и пол минути игра. Следеше одговор на другата страна од седум поени во низа, па Мега намали на 49-47 во 25 минута. Налетот го прекина Дамјан Стојановски за 52-47. Во последните десет минути, МЗТ Скопје влезе со предност од седум поени 68-61 со тројката на новото засилување Бурсаќ.
.@sametyigitogluu THROUGH THE CONTACT WITH THE SLAM! 💪💥#NLBSlamDunk #ABALiga @kkmztskopje pic.twitter.com/UZe68J5YLS
— AdmiralBet ABA League (@ABA_League) November 27, 2022
По само две и пол минути игра, Кефи го донесе првото двоцифрено водство од 73-63. Избраниците на Петровиќ одржуваа предност од шест поени, влезе во вистински ритам, не му дозволи на противникот да се врати на оваа средба. Видовме борба, мотивот беше преголем, па позитивата беше и 90-73.
Во следното коло, актуелниот македонски првак игра против Игокеа на гостински терен.