Е.Пелистер нема многу време за одмор, по домашната обврска следи дуел во рамките на Европската лига. Таму, македонскиот вицепрвак зад себе го има убедливиот пораз од Фуксе Берлин, а пред себе нова тешка задача – гостувањето кај Мотор, дуел кој се игра во вторник.
Оваа сезона не започна како што посакуваше Ларс Валтер, бројот на повредени играчи постојано се зголемува, но ветува дека момците ќе сторат се за да дојдат до два бода.
„Изгледа како да нема крај на проблемите, но имаме уште неколку недели до крајот на полусезоната. Тие сме што сме, ќе се бориме до крај и ќе сториме сè што е во наша моќ да освоиме два бода против Мотор. Мотор има добри ракометари. Анѓелиќ игра во средината и искусен голман како Кoмок на голот. Од тоа што го видов, играат убав ракомет. Одиграа добар натпревар против Архус, Бидасоа Ирун имаше проблеми со нив, па нема да биде лесно.
Мора да дадеме се што имаме и да го добиеме тој натпревар. Два брзи тима ќе се соочат, мислам дека ќе биде интересен натпревар. Ни треба нашата добра одбрана, последниот натпревар малку поспоро се враќавме, па цел на натпреварот против Јуниор беше да се подобриме. Знам дека не е исто како против Фуксе Берлин, но мора да ги искористиме овие натпревари да се подготвиме за тешките дуели“, изјави Ларс Валтер.