Кошаркарите на Гостивар го претрпеа првиот пораз сезонава во најсилната македонска кошаркарска лига. Вечерва гостиварци беа поразени на гостувањето кај Куманово со 82:70. Гостите од Гостивар беа добри на почетокот, водеа по првата четвртина со 17:23, а потоа домашните ја преземаа контролата на теренот, го свртеја резултатот и на крајот победија.
Марјан Јанески блескаше за Куманово кој постигна 22 поени за 37 минути игра, а притоа придодаде и две асистенции. Тејрел Ален се истакна со 12 поени и 6 асистенции, а Ненад Живчевиќ постигна 18 поени.
Кај гостите најефикасен беше Пипкинс со 15 поени, двоцифрени беа уште Маслинко и Митевски (двајцата со по 10 поени) и Ефремовски со 11 поени.
Гостивар е лидер на табелата со 13 бодови, два повеќе од МЗТ кој има меч помалку. За Куманово ова е втора победа сезонава.