Македонскиот кошаркарски репрезентативец Андреј Магдевски, во продолжението од сезоната ќе настапува во холандската Прва лига. Денеска и официјално е потврден неговиот трансфер во тимот на Донар, кој во досегашниот дел од сезоната се наоѓа на 5. место на табелата во тамошното првенство.
Андреј Магдевски сезонава настапуваше за МЗТ Скопје и имаше просек од 4,9 поени и 5,4 асистенции по натпревар.
„Го избрав Донар затоа што е голем клуб со одлична организација. Покрај тоа, сакам да играм за тим со најголеми очекувања. Мојата цел за оваа сезона е да му помогнам на тимот да победи повеќе натпревари, да освои што е можно повеќе трофеи и да ги израдувам навивачите“, изјавил Магдевски за официјалниот сајт на клубот.
Магдевски се уште ја чека работната дозвола, пред да дебитира за својот нов клуб, најверојатно на натпреварот во среда против Будивелник за Европскиот куп на ФИБА.