МЗТ Скопје на мегдан против најмладиот тим во АБА-лига во мечот на сезоната!

128

МЗТ Скопје четири меча е без победа во АБА-лига. Актуелниот македонски првак има еден триумф, го запиша во четвртото коло против Дерби на домашен терен по нешто повеќе од месец и влезе во црна серија.

Јадранското натпреварување покажа дека покрај амбициозноста треба многу повеќе, а тоа соодветен состав и добра подготовка за секој меч.

Шанса за нова радост МЗТ Скопје ќе има вечерва (21 часот) пред своите навивачи против најмладиот тим во јадранското друштво, Мега. Ова е меч од кој ќе зависи и продолжението на сезоната за Александар Петровиќ и неговите момци. Пораз ќе го вклучи алармот во редовите на македонскиот првак, бидејќи никој нема право на изговори.

„Пред нас е исклучително важен натпревар, од кој во многу ни зависи продолжението од сезоната. Играме против најмладиот тим во лигата, чие најсилно оружје е трчањето, енергијата и скокот. Ќе го потенцирам Драган Милосављевиќ, кој со своето искуство ги врза конците во тимот на Мега МИС. Добро го знаеме противникот, кои се нивните добри, но и полоши страни, кои ќе се обидеме да ги искористиме. Рецептот е да одговориме со добра енергија и квалитетен скок и ако го сториме тоа ќе може да дојдеме до посакуваната победа. Секако, за ова ќе ни треба голема поддршка од трибините, поради што ги повикувам навивачите да дојдат во што поголем број и повторно да бидат наш шести играч.“

Поддршката од своите фанови е најважна за кошаркарите, знаат дека патот кон победата на вакви мечеви со нив е полесен за одење.

„Играњето пред домашната публика секогаш носи дополнителен предизвик и мотив да го дадеме својот максимум за да ги израдуваме навивачите со добра игра и победа. Против себе имаме млад и брз состав, што значи дека ќе мора да одговориме на нивната полетност и енергија. Ако дадеме се од себе и одговориме на барањата на тренерот, сигурен сум дека ќе бидеме блиску до посакуваната цел, а тоа е триумф“, изјави Мајк Кефи.

МЗТ Скопје е закован на дното со една победа, додека пак противникот има две победи и пет порази.

ПретходноСрпски новинар го чекал Меси два часа после мечот, Аргентинецот покажа каков е!
СледноЗборовите на Меси се волшебник за сите Аргентинци!