Одлично прво полувреме, водство одиграа нашите кошаркарки против Германија, за жал паднаа во пред крајот на третата четвртина, за да во последните десет минути бидат целосно надиграни. На крајот беа совладани со убедливи 71-47.
Иако поразо е „висок“, сепак по мечот, Александар Ашаданов, предводникот на македонската женска кошаркарска репрезентација не беше разочаран.
„Најголема честитка ќе упатам до моите девојки кои се издигнаа и покажаа дека можат да играат против најдобрите во светот. Гледам голем квалитет во нашиот тим. Знам дека можат, можеби проблем е кратката ротација која не ни дозволува да играме во ист ритам во текот на сите 40 минути.
Противниците се малку поподготвени бидејќи се навикнати да играат среда-сабота. Тоа се виде во последната четвртина кога ја загубвме силата и постигнавме три, а примивме 25 поени. Можам да кажам дека Мерит Хемпе е одлична личност, натпреварот против Белгија не е мерило бидејќи не беше вклопена во тимот, а и играше против некои од најдобрите кошаркарки на нејзината позиција во светот. Сигурен сум дека во февруари ќе биде многу подобро“, изјави Ашаданов.
И девојките се задоволни, бидејќи покажаа карактер по поразот од Белгија на гости.
„Покажавме дека имаме карактер откако се издигнавме по еден таков пораз од Белгија. Отворивме убаво, не се откажавме, но подоцна пресуди нивното поголемо искуство од играњето во посилни лиги.
Можам да кажам дека сме задоволни, но мораме многу да работиме. Се надевам дека во февруари ќе биде уште подобро и ќе оствариме барем една победа“, изјави Нена Трајчевска.