Коментар на 16.коло: Како Струга нема друга, Шкендија заборави да победува дома, Работнички се “разбуди“…

609

Пишува: Зоран Ѓоршоски

По двонеделна пауза поради настапите на нашите репрезентации, изминатиот викенд се одигра 16.коло во ПМФЛ. Дербито се одигра во Кратово каде лидерот, тимот на Струга Трим Лум уште еднаш оваа есен покажа сила и успеа да го победи квалитетниот Силекс со 1:2. Со тие три бода сега Струга ТЛ речиси е есенски шампион. Во Струга веќе се лади шампањското за есенските почести, секако дека ова е историски успех. Лидерот има +5 бодови пред Шкупи, кој игра со Брегалница (дома, но не на Чаир) и Работнички (гости).

Струга ТЛ пак ја дочекува очајсната оваа есен А. Пандев и оди на гости на Скопје. Треба да се случи некоја неверојатна катаклизма за да Струга ТЛ на зимската пауза не замине како прва на табелата.

Што навистина се случува со Шкендија?

Тетовци според имииња го имаат веројатно најдобриот тим во Лигата, го имаат трофејниот стратег Ќатип Османи, но тетовци просто заборавија како е да се победи дома. Ете вчера и Тиквеш остана непоеразен.

Несфатливо за Шкендија. Некогаш гостинските екипи беа пресреќни ако загубеа со 0:1 или 0:2, а сега кој стигне под Шара си зема бодови.

Осум мечеви и само една победа, дури шест ремија и тоа петтпати во серија.

Така Шкендија нема теорија да ја стигне Струга ТЛ.

Работнички се “разбуди“. Конечно против Македонија ЃП одигра на своето ниво. Убедлива игра, убедлива победа која можеше да биде уште поубедлива од тие 2:0. Работнички знае да блесне, но тоа треба да го прави во серија а не вака инцидентно.

Шкупи ја победи Победа со неверојатни 0:6 среде Прилеп и потсети на она Куп финале од 2000 година кога, исто во Прилеп, тогаш чаирчани славеа со 0:6. Но тоа беа некои други времиња. Овие вчерашни 0:6 се и рефлексија на сите оние случувања во таборот на прилепчани во изминатите три недели кога играчите не тренираа.

Секоја чест на Скопје и нивниот тренер Тупан. Иако имаа 0:1 сепак на крај славеа против “пандевци“ со 2:1. И дефинитивно А. Пандев ја игра најслабата сезона откако е во ПМФЛ.

До крајот остануваат уште две кола, а потоа ПМФЛ оди на зимска пауза.

ПретходноКасемиро го „отклучи“ швајцарскиот гол и донесе триумф на Бразил (видео)
СледноГолманот на Аргентина: По поразот од С.Арабија морав да побарам помош од психолог