Откако не успеале да ги поткупат, иранските власти им се заканиле на фудбалерите!

968

Еден од најголемите скандали на Светското првенство досега е поврзан со репрезентацијата на Иран. Селекцијата која во првото коло беше декласирана од Англија (6:2), а потоа го совлада Велс (2:0) имаше два сосема различни воведи во тие натпревари. На првиот репрезентативците молчеа за време на националната химна, но пред вториот пееја заедно со навивачите кои плачеа на трибините.

Според американските медиуми, причината за промена на нивната одлука за бојкот на химната се заканите. Наводно, иранските власти преку нивните служби контактирале со фудбалерите, на кои им било кажано дека нивните семејства во родната земја би можеле да бидат во опасност доколку не ја пеат националната химна пред натпреварот против Велс.

Новинарот Сем Кили, кој работи за Си-Ен-Ен, истакна дека претставници на иранските власти се обиделе да ги поткупат играчите уште пред првиот натпревар на турнирот. Им биле понудени автомобили и други подароци, но кога тоа не поминало, започнале заканите. Наводно, членовите на семејствата на репрезентативците би можеле да бидат уапсени и измачувани откако фудбалерите ги одбиле поставените услови, што ја променило нивната одлука. Загрижени за иднината на нивните семејства кои живеат во Иран, репрезентативците решија на следните и на сите наредни натпревари да ја пеат химната на земјата во која со месеци траат протестите.

Потсетуваме, нередите на улиците на иранските градови започнаа по убиството на Махса Амини (22), девојка на која косата не и беше покриена. Според информациите на активистите за човекови права од Иран, од септември во таа земја се убиени над 450 луѓе, додека речиси 2.000 се уапсени поради протести против актуелната власт.

ПретходноГолеми промени во Ферари!
СледноИталијански медиуми: Јувентус може да биде исфрлен од Серија А!