На второ светско првенство едноподруго, четирикратниот светски шампион Германија го завршува настапот уште во групната фаза. Иако вечерва со многу мака на крајот славеа над Костарика со 4:2, момците на селекторот Ханси Флик веќе вечерва ќе ги пакуваат куферите и ќе се враќаат назад со уште еден очаен мундијалски настап, како и пред 4 години во Русија.
Затоа се погрижи репрезентацијата на Јапонија која вечерва изненадувачки ја победи Шпанија со 2:1, па како прва во групата обезбеди осминафинале. Шпанците поведоа со голот на Мората во 11. минута и со оваа предност заминаа на полувреме. Само што почна вториот дел на „Калифа Интернационал“ се случи голем пресврт. Доан во 48. минута им носи 1:1 на „самураите“, а целосна радост само 3 минути подоцна обезбеди Танака со гол за водство и на крајот победа на азијците од 2:1.
Германија почна добро и поведе со голот на Гнабри уште во 10. минута. Но, проблемите во составот на Флик беа очигледни уште во првиот дел кога Костарика направи неколку одлични шанси и промаши зицер преку Фулер по една почетничка грешка на Ридигер. Казната стигна во вториот дел кога Костарика успеа да направи целосен пресврт со головите на Таједа во 58. и на Варгас во 70. минута од мечот.
Германија во очај тргна со сите сили и на крајот успеа да најде начин за победа. Два гола на Каи Хаверц и еден на Филкруг во финишот им обезбедиј апобеда од 4:2, која на крајот не беше доволна за осминафинале, поради подобрата гол-разлика на Шпанците кои завршија на второто место.