Селекторот на мексиканската репрезентација Херардо Мартино поднесе оставка откако не успеа да се пласира во осминафиналето на Светското првенство во Катар. Во последниот натпревар во групата Ц, Мексико ја победи Саудиска Арабија со 2:1, но остана третопласиран во групата со четири бода, колку што има и второпласираната Полска која оди понатаму поради подобрата гол-разлика.
Со ова се прекина серијата од седум последователни настапи на Мексико во осминафиналето што траеше од 1994 до 2018 година.
„За оваа фрустрација и разочарување што го чувствуваме, јас сум најодговорен и ја преземам целата одговорност. Договорот ми истече при последниот свиреж на судијата“, изјави Мартино, кој е на чело на Мексико од 2019 година.
Мексико во првото коло ремизираше со Полска, а потоа загуби од Аргентина. Иако ја победија Саудиска Арабија во одлучувачкиот натпревар, им требаше уште еден гол за да се пробие на гол разлика. Но, се случи токму спротивното и Мексико прими гол во судиското надополнување. Мартино претходно во кариерата ги водеше и Аргентина, Барселона и Парагвај.